Со натпреварот меѓу минатогодишниот победник Металург и домаќинот Струга вечерва на отвореното игралиште „Женска плажа“ почна 41. Меѓународен ракометен турнир Струга 2013.
Турнирот за отворен го прогласи директорот на Агенцијата за млади и спорт, Александар Пујовски.
Со убедлива победа од 30-14 (13-8) над домаќинот Струга, Металург ја почна одбраната на трофејот.
Во тек е дуелот меѓу македонскиот и романскиот шампион Вардар и Констанца, по што следува натпреварот Брест Месков од Белорусија и францускиот тим Версај.
Утре ќе се одиграат натпреварите меѓу Иври – Констанца (18:45 часот), Металург – Брест Мешков (20:30 часот) и Струга – Версај (22 часот). Во петок, на 16 август ќе играат екипите на Вардар – Иври (18:45), Металург – Версај (20:30) и Струга – Брест Мешков (22:00).
Последниот ден од турнирот се предвидени натпреварите за пласман. Финалниот натпревар е закажан за сабота во 21 часот.
Струшкиот ракометен турнир е една од најзначајните македонски спортски манифестации која, според најавите на организаторите, во иднина треба да прерасне во еден од најсилните клупски собири во Европа. За следната сезона се планира учество и на хрватскиот шампион Загреб КО, како и на по една екипа од Германија и од Унгарија со што турнирот во Струга би добил крајно квалитетен европски изглед.