Македонската кајакарска федерација од 3 до 6 јули ќе го организира Европското првенство во кајак за јуниори и сениори до 23 години, настан кој во нашата држава се случува по пауза од една деценија. На првенството се најавени повеќе од 400 кајакари од 35 држави, а доделената организацијата на Македонија е признание за вложувањата на државата во спортот.
– Да се биде домаќин на овој настан е чест и голема обврска. Но, само поради подготвеноста на државата и стекнатото искуство од претходните купови, ни беше доделена оваа привилегија. Европското првенство е нешто што го посакувавме долго време. Среќни сме што во Македонија ќе се случува вакво нешто, истакна на денешната прес-конференција Атанас Николовски, спортскиот директор на Кајакарската федерација на Македонија.
Настаните од ваков тип се секогаш безрезервно подржани од Агенцијата за млади и спорт, па така и на ова европско првенство тие се јавуваат како генерални покровители.
– Да се организира Европско првенство, не е мала работа. Затоа, Агенцијата за Млади и Спорт, повторно и дава безрезервна поддршка на Кајакарската федерација на Македонија, која е организатор на оваа манифестација и која верувам дека успешно ќе си ја реализира зададената задача, рече директорот на Агенцијата за Млади и Спорт, Марјан Спасески.
Тој додаде дека сите подготовки се завршени и првенството може да почне веднаш, иако до стартот има уште еден месец.
Со оваа прес-конференција се најави и почетокот на настанот „Спорт Сити Дејс“ во Скопје Сити Мол, настан наменет за промоција на спортот во Македонија.
– Во текот на денешниот ден, сите посетители ќе имаат можност да дознаат нешто повеќе за триесеттината федерации изложувачи, како и да дознаат нешто повеќе за нивните успеси преку музеите со пехари и медали кои се поставени. Од утре, до недела, сите заинтересирани ќе можат да си ја пробаат кондициската подготвеност, заедно со тренерите од „Кросфит Скопје“, преку сите интересни содржини кои ги подготвивме за нив,“ изјави Борче Боев, генералниот секретар на спортските федерации во Македонија.
Инаку, Европското првенство во кајак на диви води официјално ќе се отвори на 2 јули кога ќе има свечено дефиле на сите држави учесници, а натпреварите ќе се одржуваат на патеката „Матка“ крај Скопје.