Интернационалниот мајстор Филип Панчевски го освои првото место на Отворениот меѓународен турнир во шах во рапид темпо Алкалоид 2018 што вечерва заврши во Скопје.
Панчевски од можните девет освои осум поени и сосема заслужено ја освои првата награда 25 илјади денари и пехар.
На втората позиција турнирот го заврши српскиот велемајстор Борко Лајтхајм кој освои седум поени исто колку и третопласираниот интер мајстор од Македонија Дејан Стојановски. Второпласираниот освои 20 илјади денари, а третиот 15.
Седум поени освоија и шахистите до 12. место но тие имаа послаб бухолц од вториот и третиот.
Во женска конкуренција победник е фиде мајсторот Моника Стојковска со шест поени исто колку што освои и велемајсторот Габриела Коскоска.
Најдобар во категоријата У-20 е фиде мајсторот Никола Николовски кој во вкупниот пласман заврши на високото деветто место со седум поени.
Тони Лазов со шест поени е најдобриот шахист до 18 години.
Награди им беа доделени и на најмладите шахисти, како и на ветераните.
Организаторот на турнирот, Шаховскиот клуб Алкалоид обезбеди паричен награден фонд од 130 илјади денари.
Турнирот кој е традиционален, годинава предизвика огромен интерес и на него учествуваа близу 200 шахисти од Македонија, Србија, Косово и Бугарија.