Островска земја со 600.000 жители е на праг од пласман на првото Светско фудбалско првенство

Од:

Во претпоследното, деветто коло од групата Д од африканските квалификации за одење на Светското фудбалско првенство следната година, продолжи големата борба меѓу фудбалерите на Зеленортски острови и Камерун за првото место, кое води директно кон САД, Канада и Мексико.

Зеленортски острови ремизираа 3:3 со домаќинот Либија во Триполи, додека Камерун го победи Маврициус со 2:0 на гости. И покрај нерешениот резултат, Зеленортски острови останаа први на табелата и пред последното коло имаат два бода предност пред ривалите. Во десеттото коло играат против Есватини, последниот тим во Групата Б.

Камерун, единствениот кандидат за првото место, ќе игра домашен натпревар против четвртопласираната Ангола.

Зеленортски острови никогаш не играле на Светското првенство и се рангирани на 70-то место на светската ранг-листа на ФИФА( Македонија е на 63-то место на ФИФА листата).

Според „Трансфермаркт“, вредноста на тимот на Зеленортски острови е проценета на 29 милиони евра. Најскапите играчи се проценети на пет милиони евра: Кевин Ленини (28), играч од средниот ред на Краснодар, и Вагнер Пина (22), десен бек на Трабзонспор.

Зеленортски острови е островска нација во Западна Африка во централниот Атлантик, составена од десет вулкански острови со вкупна површина од околу 4.033 квадратни километри. Архипелагот бил ненаселен сè до 15 век, кога португалските истражувачи ги колонизирале островите и основале една од првите европски населби во тропските предели.

Островите добиле независност во 1975 година. Од почетокот на деведесеттите години, тие функционираат како стабилна претставничка демократија и се меѓу најразвиените и демократските земји во Африка. Без значајни природни ресурси, економијата во развој е главно базирана на услуги, со зголемен акцент на туризмот и странските инвестиции.

Тие имаат околу 600.000 жители, преовладува католичката религија, што го одразува португалското наследство, а официјалниот јазик е португалски.

Зеленортски острови би станале втората најмала земја во историјата на натпреварувањето со пласман на СП. Рекордот го држи Исланд, кој учествуваше на Светското првенство во 2018 година, а земјата тогаш имаше население од 335.000 жители.