Новак Ѓоковиќ нема да игра на Мастерсот во Мадрид. Она за што постоеше сомнеж неколку дена, сега се потврди. Најдобриот светски тенисер реши да не игра на натпреварувањето во шпанската престолнина (од 24 април до 5 мај). Тоа значи и дека Јаник Синер ќе биде прв носител на турнирот.
Сè уште се чекаат официјални најави и објаснувања, иако оваа одлука не е претерано изненадувачка, бидејќи овој турнир честопати знаеше да го пропушта. Тој не играше во 2015, 2021, 2023 година, па нема да губи бодови со пропуштање оваа сезона. Овој турнир го освојуваше три пати во кариерата (2011, 2016 и 2019 година).
Сега е извесно дека Ѓоковиќ ќе игра на Мастерсот во Рим (од 8 до 19 мај) и дека тоа ќе му биде последен тест пред почетокот на Ролан Гарос. Српскиот тенисер најави дека целта му е да биде во топ форма во Франција и дека сака да се докаже на вториот Грен слем во сезоната.
Што се однесува до турнирот во Мадрид, Рафаел Надал е веќе таму, тренира и многу веројатно ќе биде дел од натпреварувањето. Своето доаѓање го најави и Карлос Алкараз, но не го потврди учеството. Тој се бори со повреда на раката и се уште не е сигурен дали е подготвен за игра. Тој не сака да ризикува премногу пред Ролан Гарос.