Осумкратниот светски шампион во мотоциклизам, Марк Маркез ја откри причината зошто ги напушти квалификациите вчера пред трката во Херез.
Возачот на Репсол Хонда, како што е познато, минатата недела претрпе скршеница на надлактицата, беше опериран само два дена подоцна, а во четвртокот доби дозвола да биде на патеката овој викенд.
Ги пропушти првите тренинзи, возеше само во саботата, а во квалификациите се повлече во боксот по само еден круг. Потоа, тој реши да не започне во втората трка во сезоната, што изненади многумина.
– Го следев мојот инстинкт, сакав да го разберам моето тело и да бидам искрен со себе и со другите. Тоа е она што го направив. Во понеделник би рекол дека е невозможно да се вози, но после операцијата бев во ред, можев да направам неколку склекови, да облечам комбинезон и да седнам на мотор. Разговарав со луѓето од тимот, тие мислеа поинаку. Тие сакаа да ме сочуваат, но се согласивме да се обидам и да бидам искрен, рече Маркез.
Тој му се заблагодари на д-р Чарте за сè што направил, но смета дека ова е најдобрата одлука.
– Раката ми беше доста отечена, губев сила во аглите каде што не очекував. Се вратив во боксот, му кажав на тимот што се случува и реков дека ако би било исто во првиот дел од квалификациите или нешто слично – јас ќе се откажам. Не го очекував тоа, затоа што ако дојдам овде, тоа ќе бидам за да возам, но благодарение на Хонда и докторите што ми дадоа можност. Ќе спијам мирно, се обидов, но не успеав, додаде Маркез.
Тој рече дека сака да се подготви за трката во Брно, Чешка.
– Мојата главна цел е да се опоравам што е можно поскоро и да се обидам да возам. Знам дека нема да бидам во Брно на 100 проценти и којзнае дали на „Ред Бул ринг“. Втората цел е титулата, има уште многу трки, ова е трка и се може да се случи. Јас сум тука затоа што не се откажувам и никогаш нема да го сторам тоа, ако имам шанса, додаде тој.