Фудбалска репрезентација на Македонија попладнево со специјален чартер авион замина за Гдањск на Европското првенство во полска за играчи до 21 година.
На прес конференцијата на која присуствуваа селекторот Благоја Милевски и Ѓоко Зајков беше изразено уште еднаш задоволство од шансата што ја обезбеди оваа генерација фудбалери да се промовира на големо натпреварување како една од најдобрите 12 селекции.
– Присуството на голем број на преставници на седмата сила е најдобра потврда за постигнатиот успех. Ќе се обидеме во Полска да бидеме на посакуваното ниво. На турнирот се најдобрите млади селекции во Европа. Сите фудбалери се подготвени, здрави и подготвени да одговорат на предизвикот. Концепцијата на игра и пристапот нема да го менуваме. Се работи за силни репрезентации со одлични индивидуални квалитети. Ние ќе играме со истата желба како во квалификациите. Овие момци не смее никој да ги потцени, бидејќи имаат и фудбалски и пред се човечки квалитети, вели селекторот Милевски.
Првиот натпревар на ЕП Македонија ќе го игра на 17 јуни против Шпанија, а потоа следат мечеви против Србија (20 јуни) и Португалија (23 јуни).