Прославениот дански фудбалски дефанзивец и член на бројни европски гиганти, Симон Кјаер објави крај на својата играчка кариера.
Кјаер (35) денеска потврди дека ја завршува својата играчка кариера, во гостувањето на данската телевизија ТВ2.
Стоперот појасни дека имал понуди од Лигата на шампионите по заминувањето од Милан на крајот на минатата сезона, но дека повеќе не сака професионално да се занимава со фудбал.
„Сега е навистина вистинското време да се затвори тоа поглавје. Тоа не е одлука што ја донесов летото, туку нешто на што размислував уште пред почетокот на Европското првенство“, објасни Кјаер.
Тој призна дека и пред минатата година размислувал за можноста да ги „закачи копачките“.
„Тогаш видов дека моето време во Милан е при крај. Во мојата глава се заврши во Милано. Не можев да имам подобар крај. Збогувањето што го имав на Сан Сиро… Тоа искуство… Уште тогаш знаев дека е крајот“, подвлече поранешниот стопер на „Росонерите“, тим со кој го освои Скудетото во 2022 година.
Последниот натпревар за Милан го одигра на 25 мај минатата година против Салернитана, а дуелот на „Сан Сиро“ заврши со резултат 3:3.
Кјаер професионално играше за Митјиланд, Палермо, Волфсбург, Рома, Лил, Фенербахче, Севиља, Аталанта и Милан.
За данската репрезентација одигра 132 натпревари и постигна 5 гола.
Токму во дресот на репрезентацијата го направи подвигот на кариерата, кога на стадионот „Паркен“ во Копенхаген го спаси животот на сонародникот Кристијан Ериксен, кој преживеа срцев удар, во натпреварот од Б групата против Финска.