Олимписката шампионка во скок во височина, Марија Ласицкене го критикуваше претседателот на Интернационалниот олимписки комитет (ИОЦ), Томас Бах поради дволичноста во објаснувањето зошто руските и белоруските спортисти не смеат да се натпреваруваат на интернационалните натпреварувања.
Ласицкене ова лето му прати отворено писмо на Бах, кој тврдеше дека забраната за настапот на руските и белоруските спортисти е направена поради заштитата на спортистите од непријателските реакции на интернационалните натпреварувања.
„Дволичноста на Бах е во тоа што тој вели дека е опасно за Русите и Белорусите да се натпреваруваат, но гледаме како тенисерите и тенисерките патуваат низ целиот свет без проблеми. Затоа само нека каже: ‘Вие сте Руси, вие сте одговорни за тоа што се случува и затоа сте казнети’. Не ни кажувајте дека не смееме да се натпреваруваме поради нашата безбедност. Зошто така?“, вели 29-годишната Ласицкене.
Таа исто така ја отфрли можноста да го смени руското државјанство за да може да се натпреварува.
„Не, тоа нема смисла. Дури и да сакам да го направам тоа, ќе пропуштам три години поради таканаречениот ‘карантин’. Првата причина зошто не сакам да менувам државјанство е тоа што сум Русинка, сум била и ќе бидам. Имам татковина, родена сум тука и сакам да се натпреварувам за Русија“, објаснува Ласицкене.
Извор: Топспорт