Тренерот на фудбалскиот клуб Баерн Минхен – Винсент Компани, со медицински хеликоптер е префрлен во болница во Минхен, пренесува германскиот весник „Билд“.
Според овој медиум, медицинскиот хеликоптер претходно слетал во тренинг-центарот на баварскиот клуб на улицата „Зебенер“, каде што интервенирал медицинскиот тим. Засега не е позната конкретната причина за неговиот транспорт во болница.
Белгискиот стручњак, кој има 40 години, веќе неколку дена има здравствени проблеми предизвикани од вирусна инфекција.
Првите знаци дека Компани не се чувствува добро биле забележани минатата сабота, за време на натпреварот во кој Баерн го победи Лајпциг со 6:1.
Откако им се обратил на играчите, тренерот морал да легне на клупа во соблекувалната на стадионот „Алијанц Арена“, како за време на полувремето, така и по завршувањето на натпреварот.
Според „Билд“, Компани кратко закрепнал по натпреварот, па на својот лаптоп анализирал одредени ситуации од играта. Сепак, обврските кон медиумите ги презеле спортските претставници на клубот.
Германскиот весник наведува дека вирусната инфекција предизвикала проблеми во пределот на старо ткиво со лузни, поради што на белгискиот тренер му било тешко дури и да се качува по скали.
Компани не тренираше во понеделникот, а лекарите повторно детално го прегледале, под надзор на интернистот на Баерн, професор Роланд Шмит.
