Ветеранот во кајак на мирни води, стружанецот Ристе Чуркоски во Охридското Езеро ги прави последните подготовки за настап на Олимписките ветерански игри, кои од 2 до 11 август ќе се одржат во италијанскиот град Торино.
Чуркоски е првиот претставник од Република Македонија кој воопшто се натпреварувал на оваа Олимпијада, а и годинава ќе биде единствен учесник. Ќе се натпреварува во дисциплините едносед на двесте и илјада метри и маратон од четиринаесет километри. Резултатите кои Чуркоски ги постигнал изминативе години на повеќе меѓународни натпревари му даваат оптимизам за освојување медал.
– Со оглед на моите резултати во претходните години очекувам висок пласман, па дури и борба за медал во некоја од дисциплините, како на пример во К-1 200 метри, каде минатата година на светското првенство го освоив седмото место, а бев четврт на две илјади метри. Пред четири години бев втор на Европското првенство на двесте метри и трет на петстотини метри, рече Чуркоски.
Со ова тој сака да ги поттикне сите млади ентузијасти да го развиваат спортот, но и оние по возрасните да продолжат со спортување.
– Оние кои поради годините престанале да се занимаваат со спорт да останат на спортските патеки, бидејќи спортот не познава старосни граници, нагласи Чуркоски.
На годинашната Олимпијада за ветерани ќе настапат околу педесет илјади натпреварувачи во триесет спортови.
Првата Олимпијада за ветерани се одржала во 1985 година во Торонто, Канада.