Најдобриот македонски возач и бранител на титулата европски шампион со триумф сака да го избрише второто место освоено пред две недели во Чешка
Македонскиот автомобилистички ас, Игор Стефановски – Иџе ја продолжува европската одисеја со шестата трка со која ќе се комплетира првиот дел од Европскиот шампионат на ридски патеки и која викендов ќе се вози во Лиманова на југот на Полска. Досега, Иџе победи во Франција, Австрија, Шпанија и во Португалија, а беше втор на последната трка во Чешка. Таа трка на бранителот на европскиот трофеј му донесе само 18 поени и затоа мора да оди на се или ништо во Полска. По првиот дел од сезоната и извозени шест трки во генералниот пласман се сметаат најдобрите пет резултати и тоа е причината поради која Иџе во Лиманова стреми кон највисокото скалило од подиумот.
– Ова ми е многу важна трка. Со победа ќе го елиминирам второто место Чешка и ќе ја задржам пол позицијата за повторно освојување на европската титула. Во групата А, каде што вози мојот најголем конкурент за триумф во генералниот пласман Чехот Јаромир Мали, нема голема конкуренција и очекувам негова сигурна победа. Затоа, немам други опции освен да одам на триумф во Полска – вели бранителот на европската титула Стефановски.
Иџе во моментов е водечки во генералниот пласман со 118 поени, а Мали има 86 бода и го очекува голема битка за одбрана на пехарот. Во неговата група Н ќе повторно најголем конкурент ќе му биде Чехот Јири Лос, а дополнителен проблем може да биде и дождот кој е најавен за викендот во Полска.
– Патеката е многу лизгава. За викендот се најавени врнежи од дожд, а тоа значи дека ќе морам да се бидам максимално концентриран на патеката. Едно мало невнимание може да вбиде кобно. Лани во Полска од Чешка дојдов со изудирано возило и на оваа патека имав пех да ми откаже моторот. Сега се е во најдобар ред со возилото и се надевам дека овој пат нема да бидам така малерозен. Возилото би требало да ги издржи предизвиците и семтам дека можам да го освојам првото место – додаде Иџе.
Лиманова е релативно нова ридско-брзинска трка. Ова е нејзино седмо издание, а по втор пат се најдоа на календарот за Европскиот шампионат. Патеката е долга 6.200 метри, натпреварувачите ќе имаат по две возења, а за пласман се смета збирот од двете постигнати времиња.