Ракометарите на Вардар, Сергеј Горбок и Михаил Чипурин до петок ќе бидат на поштеда и нема да тренираат со тимот поради повреди, по што повторно ќе бидат на лекарски преглед, информираат од клубот.
Левиот бек на Вардар се повреди на полуфиналниот дуел од Ф4 завршниот турнир на СЕХА лигата во Веспрем, и поради тоа не настапи ниту на натпреварот за трето место. По враќањето во Скопје му беше направен ехо преглед и е констатирано истегнување на мускул на задната ложа на ногата.
Во петок потоа повторно ќе има лекарски преглед по што ќе се знае дали Горбок ќе биде во тимот за четврт-финалниот меч со Кјелце.
Проблем со ахиловата тетива има и пивотот Чипурин, поради што и тој нема да биде со екипата најмалку до петок. Потоа ќе се знае дали ќе биде потребна дополнителна терапија.
Поради повреди во Веспрем не отпатуваа ниту Тимур Дибиров, Матјаж Брумен и Илија Абутовиќ.