Голманот на ракометната репрезентација на Шпанија и на Барселона Гонзало Перез де Варгас вчера се здоби со повреда на малиот прст на левата рака и итно во текот на утрешниот ден ќе биде опериран. Тој повредата ја добил на тренинг и „каталонците“ ќе бидат без него до крајот на сезоната.
Ова е голем хендикеп за Барселона бидејќи двата дуела со германскиот тим Кил од Лигата на шампионите се играат на 23 и на 29 април.
Се очекува како прв избор на голманската позиција да биде македонскиот интернационалец Борко Ристовски, кој имаше неколку добри натпревари во дресот на Барселона токму во ова натпреварување.
Лани во четвртфиналето на ЛШ токму Кил ја елиминираше Барселона, која се подготвува за реванш и со тоа да избори пласман на завршниот турнир во Келн.