Ракометарите на македонскиот првак Вардар со победата од 23:21 над ПИК Сегед во Унгарија останаа на првата позиција на табелата во Б групата. Со овој триумф Вардар остана со најголеми шанси за освојување на првото место во својата група.
Во првиот дел од натпреварот македонскиот шампион имаше предност од 1-2 гола, но домаќинот успеваше да изедначи и на полувреме беше 12:11 за Вардар. На почетокот на вториот дел по водството на „црвено-црните“ од 14:12 домаќинот успеа да направи пресврт и поведе со 16:14. Во тој период Вардар точно 10 минути не постигна гол. Во финишот на дуелот и ПИК Сегед имаше „црна дупка“ и шест и пол минути не успеа да постигне гол. На 80 секунди пред крајот Тимур Дибиров украде топка и донесе водство за Вардар од 22:21, а победата ја потврди Душебаев на 20-стина секунди пред крајот.
Најефикасни на дуелот беа Дибиров кај Вардар и Стас Скубе кај ПИК Сегед со по 6 голови. Голманот на Вардар Арпад Штербик имаше 14 одбрани.
На вториот натпревар од групата одигран попладнево Мешков Брест – Загреб 21:21.
Табела: Вардар 16 бодови, Киелце 14, ПИК Сегед 13, Рајн Некар Ловен 13, Мешков Брест 12, Кристијанштад 6, Загреб 5, Цеље 5.