Најголемиот шкотски град Глазгов е подготвен за денешното свечено отворање на Дваесетите спортски игри на земјите од британскиот Комонвелт.
На овие Игри, учествуваат 4500 спортисти од 71 земји и прекуморски територии од Азија, Океанија, Африка, Северна и Јужна Америка и од Карибите.
По традиција, наместо еден британски тим, на Комонвелт игрите Англија, Шкотска и Велс настапуваат како посебни репрезентации.
Свеченото отворање ќе се изврши вечерва, на целосно обновениот стадион „Селтик Парк“ во Глазгов, со свеченото дефиле на сите учесници. Први ќе продефилираат спортистите од Индија, која во 2010 година беше домаќин на претходните Игри, а последни ќе се појават годинешниве домаќини, репрезентацијата на Шкотска.
Комонвелт спортските игри, ќе ги отвори британската кралица Елизабета Втора.
Спортските натпреварувања, во 17 дисциплини, почнуваат утре и ќе траат во следните 11 денови, до свеченото затворање на 3 август.
Игрите во Глазгов се одржуваат под големи мерки за безбедност, во кои се вклучени неколку илјади полицајци, 2400 британски војници, како и припадниците на 17 приватни безбедносни компании.
Комонвелт е организација на независни држави која ја сочинуваат Велика Британија, заедно со државите што некогаш биле дел од Британската Империја.
На секои четири години, земјите од оваа организацја се собираат заедно на спортските игри, кои се одржуваат во една од земјите членки.
Годинешниве Игри се одржуваат на помалку од 60 денови до референдумот за независност во Шкотска, на кој тамошните гласачи треба да се определат дали сакаат нивната земја, да стане независна држава.
Во Лондон се стравува дека Комонвелт игрите би можеле да се искористат од шкотските сепаратисти за пропагандни цели и за истакнување на можностите на една,евентуално, „независна“ Шкотска.