Најдобриот српски тенисер Новак Ѓоковиќ изјави дека планира да игра на повеќе турнири од минатата сезона.
Ѓоковиќ новата сезона ќе ја започне на АТП турнирот во Бризбејн. Тој на овој турнир ќе игра и во сингл и во двојки.
Ѓоковиќ утре од 9:30 часот ќе игра со Ник Киргиос во првото коло во двојки против Австриецот Александар Ерлер и Андреас Миес од Германија.
Српскиот тенисер ќе игра во првото коло во сингл конкуренција против Австралиецот Ринки Хиџиката, а овој меч најверојатно е закажан за вторник.
Ѓоковиќ во ноември најави дека ќе соработува со Британецот Енди Мареј на Австралија Опен, пред да се реши за подолготрајна соработка.
– Тој има уникатна перспектива за мојата игра како еден од моите најголеми ривали. Мареј ги знае силните и слабите страни на мојата игра. Играше до неодамна, па ги познава другите најдобри играчи, младите играчи и сите слабости и предности во нивната игра. Навистина се радувам на тоа. Мислам дека тој внесува поинаква перспектива во мојата игра и без сомнение ќе имам корист од тоа на теренот. Но, со тој шампионски менталитет што го има, сигурен сум дека ќе се сложуваме многу добро, рече Ѓоковиќ.