Најдобриот тенисер на сите времиња, Новак Ѓоковиќ се врати на Мастерсот во Мадрид за првпат од 2022 година. Ова враќање не е само уште еден турнир за Ѓоковиќ, тој има јасна мисија да го врати својот врвен ритам пред претстојниот Ролан Гарос. Иако во претходните месеци се соочуваше со различни предизвици, неговиот ентузијазам и мотивација останаа недопрени.
Во текот на 2022 година, Ѓоковиќ постојано истакнуваше дека редовните АТП турнири повеќе не му ја обезбедуваат истата возбуда, што го натера да прескокне одредени турнири и да се фокусира на Грен слемовите.
Сепак, ситуацијата се промени. Во февруари играше турнир во Катар, а потоа учествуваше и на двата Мастерса во Америка, Индијан Велс и Мајами.
Неговиот настап во Монте Карло беше изненадувачки, со оглед на тоа што беше елиминиран уште во првиот меч, а самиот тој го опиша како „погубен“. Овој момент на несигурност не одговараше на неговата страст за играта.
Говорејќи за Eurosport Spain, Ѓоковиќ отворено зборуваше за својата мотивација, особено во светло на пензионирањето на неговите големи ривали Роџер Федерер и Рафаел Надал, како и Енди Марej, кој сега е негов тренер.
– Да не бев мотивиран, немаше да бидам тука. Не би ни играл повеќе, би го оставил рекетот. Сè уште чувствувам желба да играм, страста да се натпреварувам е секогаш тука. Гренд слемовите се турнири за кои имам дополнителна мотивација, но се трудам силно да притискам и на другите турнири – изјави Ѓоковиќ.
Запрашан дали се гледа себеси како фаворит во Мадрид, тој беше искрен:
– Секогаш сум оптимист, но не знам дали сум меѓу фаворитите, бидејќи годинава немам големи резултати. Формата што ја барам може да дојде овде, можеби на Ролан Гарос. Се надевам дека сега ќе дојде – рече Новак, а потоа додаде:
– Секогаш имам добро чувство кога доаѓам во Мадрид, во Шпанија. Тоа е земја која многу ја сакам. Три пати го освоив овој турнир и одиграв неверојатни натпревари против Надал и Алкараз. Не сум бил одамна тука, ми недостигаше публиката. Шпанците одлично знаат спорт и го почитуваат тенисот. Имам добро чувство и се надевам дека ќе имам добар турнир – рече Србинот.