Во рамките на активностите за одбележување на 22-годишнината од независноста на државата – 8 Септември, попладнево во „Музејот на македонската револуционерна борба“ во Скопје започна симултанка во шах со велемајсторот Кирил Георгиев кој своевремено беше младински светски првак.
– Дојдов со моето присуство да го збогатам чествувањето на 22-годишнината од независноста на државата. Во Македонија имам многу пријатели и секогаш се чувствувам пријатно. Тука се посветува големо внимание на шахот, се организираат многу силни турнири на кои настапуваат играчи со голем рејтинг и слободно можам да кажам дека се развивате во европски шаховски центар, изјави бугарскиот велемајстор пред почетокот на симултанката со 20.те најдобри млади македонски шахисти.
47-годишниот Георгиев поседува македонското државјанство и има настапувано за националниот состав на Македонија на неколку големи натпреварувања.
Георгиев го држи светскиот рекорд во број на учесници во симултанка одигрувајќи против 360 натпреварувачи во Софија, Бугарија во 2009 година. Тогаш забележа 280 победи, 74 реми и само 6 порази или ефективност од 88%.