Џастин Клајверт, фудбалерот на Борнмут, тврди дека треба да се најде во Гинисовата книга на рекорди за, како што вели, уникатно достигнување во светот на фудбалот.
Имено, Клајверт постигна барем еден гол во шесте најсилни европски лиги – доколку во таа група се најде и холандската Ередивизија.
Овој холандски фудбалер, кој во понеделникот наполни 26 години, играше во елитните лиги на Холандија, Италија, Германија, Франција, Шпанија и Англија – и беше меѓу најдобрите стрелци во секоја од нив.
Затоа смета дека неговиот успех треба да се препознае на глобално ниво.
„Треба да бидам во Гинисовата книга на рекорди. Мислам дека сум првиот фудбалер кој постигнал гол во секоја од првите шест лиги – ако ја сметате Холандија како шеста“, изјави Клајверт за „Би-Би-Си“.
Пред него само Флорин Радучоју од Романија и Црногорецот Стеван Јоветиќ успеаја да постигнат голови во елитните лиги на петте најсилни европски земји – Италија, Германија, Франција, Шпанија и Англија.
Откако го имаше своето деби за Ајакс на 17-годишна возраст, Клајверт играше за Рома, РБ Лајпциг, Ница, Валенсија и сега за Борнмут.
Во Премиер лигата оваа сезона постигна 12 гола и забележа шест асистенции. Тој се повеќе покажува дека излегува од сенката на неговиот славен татко, поранешниот холандски репрезентативец Патрик Клајверт.
„Тоа отсекогаш ми беше мотивација – да покажам што ме прави навистина добар, не само затоа што го имам презимето Клајверт. Луѓето прашуваа: „Дали навистина е талентиран или е тука поради неговиот татко?”. Но, притисокот создава дијаманти” – рекол Џастин.
И Борнмут следната сезона би можел да игра во Европа со оглед на тоа што постои можност дури 10 англиски клубови да се квалификуваат за европските натпреварувања. Моментално се на 10. место на табелата со еден бод помалку од осмопласираниот Фулам, а до крајот на првенството остануваат уште четири кола. Тимот е решен да се бори за своето прво учество во Европа.
„Секојдневно зборуваме за тоа. Веруваме и ќе дадеме се од себе“, изјави Клајверт.