Голманот на Пари Сен Жермен, Џанлуиџи Донарума вели дека е критикуван од таканаречените француски новинари кои не знаат што значи да се биде голман.
Италијанецот истакна дека пред почетокот на пенал рулетот во реваншот од осминафиналето на Лигата на шампионите против Ливерпул отиде во соблекувална да се подготви со тренерот.
Донарума одбрани два удари од белата точка, на Дарвин Нуњез и Кертис Џонс, па неговиот тим се пласираше во четвртфиналето со победа од 4:1.
Италијанскиот голман, кој имаше неколку одбрани во текот на натпреварот, изјави дека е задоволен од играта на тимот.
„Знаевме дека нема да биде лесно да се игра на овој стадион, со исклучителна и многу страсна публика. Секогаш е тешко да се дојде овде и да се надополни 0:1 од првиот натпревар. Мислам дека тимот одигра одлично. Се мачевме, но успеавме да го направиме тоа и среќен сум што победивме и отидовме во втората фаза”, изјави Донарума за Sky Italia.
Тој рече дека пред изведувањето пенали накратко се врати во соблекувалната.
„Гледам многу критики од таканаречените новинари, кои зборуваат без да знаат што значи да се биде голман. На првиот натпревар дозволивме еден удар кон голот и примивме гол, а тие мислат дека тоа е моја грешка. Во ред е. Секогаш работам напорно, се трудам да се насмеам и да дадам се од себе за да му помогнам на тимот” – додаде италијанскиот голман.
Донарума оваа сезона на 30 натпревари прими 28 гола.
Неговиот договор истекува во јуни 2026 година, а тој преговара со раководството за продолжување на соработката.