Македонскиот ракометен шампион Вардер вечерва со 26-25 ја совлада Барселона во полуфиналето од завршниот турнир во Лигата на Шампионите во Келн.
Во еден неверојатно драматичен и изедначен натпревар, Вардар ја имаше контролата врз резултат во поголемиот дел, откако на полувремето водеше со 13-12.
Гол за гол се играше до 44.минута кога за првпат Вардар имаше плус 2 (19:17). Предводени од Кире Лазаров следуваше серија на Барселона од 5:2 за прво водство во второто полувреме (22:21) во 54.минута. Во последните шест минути вистинска драма со среќен крај за Вардар.
На 20 секунди пред крајот на натпреварот Кире Лазаров го изедначи резултат на 25-25, по што последниот напад за победа го имаше Вардар, а прецизен беше Лука Циндриќ на само неколку секунди до крајот.
Најефикасни во победничкиот состав беа Алекс Душебаев и Иван Чупиќ со по 7 гола, Вуко Боразан постигна 5, Циндриќ 4. Голманот Арпад Штербик беше одличен на голот со 15 одбрани.
За каталонскиот тим настапија македонските репрезентативци Кире Лазаров кој беше најефикасен со 6 реализации и голманот Борко Ристовски кој доби шанса да брани само удари од седум метри.
Утре македонскиот шампион во големото финале ќе игра против тимот на ПСЖ, а почетокот на тој натпревар е закажан за 18 часот.
Во натпреварот за третото место ќе играат Веспрем и Барселона од 15 часот и 15 минути.