На турнирот во боречки вештини „Хироус гејт 10“ кој вечерва ќе се одржи во Прага, нема да учествува унгарскиот борач Атила Петровцки, поради наводна отворена поддршка на неонацизмот, јави дописникот на МИА од чешкиот главен град.
Најавата за доаѓањето на Петровцки во Чешка, кој на телото има тетоважа со ликот на Адолф Хитлер, кукаст крст и навредлива порака кон Евреите предизвика негодување и критики во јавноста и откако спонзорите почнаа да се оградуваат од учеството, организаторите на Турнирот најавија дека неговото доаѓање и неговиот меч е откажан.
– Поради огромниот медиумски притисок на нашата компанија и на нашите партнери, одлучивме да го повлечеме тој меч од почетокот на „Хироус гејт 10“, изјави Павел Тоуш, еден од организаторите.
На учеството на контроверзниот Петровцки предупреди порталот „Ромеа.цз“ кој се обрати до сите медиумски спонзори и поддржувачи на Турнирот, кои веднаш се оградија од настанот.
На една од видео снимките од минатата година, која може да се најде на Интернет, Петровцки откако победи во една борба ја поздрави публиката со нацистички гест.
Организаторите тврдеа дека не знаеле за тетовирањата на унгарскиот борач и дека откако дознале се договориле тој да настапува во маица, бидејќи добиле информација дека неонацизмот за Петровцки е минато. Но, подоцна сосема го исклучија неговото учество на Турнирот.