Македонската фудбалска репрезентација утре го игра последниот натпревар од групната фаза во квалификациите за Светското првенство 2026 година.
„Рисовите“ гостуваат кај Велс во дуел на две екипи кои се борат за втората позиција во групата што носи бараж за Мундијалот.
„Никогаш не недостасува мотивација во ваква ситуација. Кога се борите за подобра стартна позиција во плеј-оф, а не за плеј-оф, тоа нуди дополнителна убавина. Верувам дека ќе уживаме во натпреварот. Секогаш морате да бидете дисциплинирани и одговорни, но секогаш тоа не е гаранција за успех. Сепак е добра појдовна точка и јас секогаш преферирам да функционираме како тим и сите се ставаат во функција на селекцијата. Не очекувам поразличен натпревар од првиот во Скопје. Играчите се исти, велшкиот квалитет е неспорен, фудбалерите играат во Премиерлигата и имаат одличен селектор. Стилот на Велс е истиот од претходните натпревари. Мора да се подготвиме максимално и соодветно да реагираме“ – изјави денеска на прес-конференција македонскиот селектор, Благоја Милевски.
Пред овој важен натпревар за нашите фудбалери своите впечатоци ги презентираше и капитенот на македонската фудбалската селекција, Енис Барди.
„Сите го знаеме значајот на овој натпревар и можеме многу да добиеме. Сепак, треба прво да уживаме и да дадеме максимум. Без пораз сме долго време и треба утре да дадеме повеќе од што можеме. Често забораваме да уживаме во моментот. Некогаш од стрес, од притисок не уживаме во играта. Треба така да размислуваме и да бидеме релаксирани и сакам секој од нас да е горд и да уживаме на теренот. Кога мислам да уживаме мислам да се бориме, да трчаме, да оставиме срце на терен. Некогаш играте колку што противникот ќе ти дозволи. Белгија е една од најдобрите селекции во Европа и моравме да се браниме. Мислам дека Велс не игра како Белгија, но има агресивни фудбалери и ќе притисне многу високо. Нема да имаме премногу наши навивачи утре, но зад нас е цела една нација која ќе ни даде поддршка. Дај Боже на крај да се радуваме на позитивен резултат“, рече Барди.
Дуелот се игра утревечер од 20:45 часот, а ќе го води Дани Мекели од Холандија.
