На Советот што ќе го одржи Агенцијата за млади и спорт во петок ќе предложам да се даде еден милион денари за Бесир Алили, односно 800 илјади лично за него, и 200 илјади за тренерот. Ние како Агенција, сите големи натпреварувања и целиот подготвителен период со останатите спортисти кои освоија високи одлики ќе ги покриеме и поддржиме да ја градат кариерата во уште позасилено темпо, рече директорот на Агенцијата за млади и спорт Дарко Каевски на денешниот прием на младиот репрезентативецот Бесир Алили по повод освоеното прво место на Европското кадетско првенство во барање.
Каевски му честита на Бесир за големиот успех, и појасни дека сé што направија изминатиов период Бесир и неговата екипа ја направија нашата држава и сите граѓани кои славеа горди, без разлика на нивните различности.
– Изминатиот викенд овие наши борачи на чело со Бекир, на чело со стручниот тим со сите тренери, со Федерацијата беа наши најголеми амбасадори. Бевме на мапата на спортот и на борењето, покажавме и докажавме дека овој наш спорт е еден од најдобрите спортови во нашата држава, историски гледано ова е еден од спортовите што имаат донесено најмногу признанија и награди, рече Каевски.
Според него, успехот на Бесир покажа дека спортот може да обединува, да зближува, но и да ги прави нашите граѓани среќни и задоволни.
– Драго ми е што изминатиот период направивме една програма „Млади спортски надежи“ и Бесир е дел од таа програма. Правиме соодветна еволуација на сите млади спортисти од индивидуалните спортови и индивидуални олимписки спортови за кои што сме убедени дека можат да остварат резултат. Заедно со Факултетот за спорт, физичка култура и здравје и Институтот за спорт и спортските федерации ги детектиравме овие спортисти, и ако силно вложуваме во нивниот напредок, во стручната експертиза, во припремниот период и во евалуација на секои три,четири месеци за нивен развој, тоа ќе вроди со плод, додаде тој.
Како Агенција за млади и спорт, Каевски рече дека и понатаму ќе продолжат со поддршка на спортистите за да бидат уште поконкурентни и уште повеќе да партиципираат на големи натпреварувања.
Бесир Алили рече дека ова е само почеток на неговите успеси, тој се подготвува за понатамошните европски и светски игри, и вети дека ќе даде се од себе да ја претставува нашата држава во најдобро светло.