Македонскиот шаховски првак Алкалоид за противник во 1.коло на Европскиот клупски куп ја доби екипата на Шахфројнде од Берлин.
Алкалоид се вбројува во најтесниот круг на фаворити за висок пласман и со својот интернационален состав е второ рангирана екипа на стартот.
Како главни фаворити и конкуренти на нашата екипа, се издвојуваат уште минимум шест екипи: минатогодишниот победник Сибир Новосибирск како прво рангирани, и потоа со незначителна разлика во просечниот рејтинг следат Обиетиво Ризасименто од Падова, Медниј Всадник од Петербург, АВЕ Нови Бор од Чешка, СХСМ од Москва и Свети Николај Српски.
Натпреварувањето ќе се игра по швајцарски систем, седум кола кои се играат секој ден од денес до 12 ноември. Екипите во машка конкуренција се составени од шест играчи во основен состав и две резерви. Темпото на игра е 90 минути за првите 40 потези, потоа уште 30 минути за до крај на партијата, плус 30 секунди додаток по секој одигран потег, почнувајќи од првиот.
Домаќин на купот е Нови Сад, Србија. Во составите на клубовите се вклучени вкупно 219 велемајстори и интернационални мајстори. Бројот на екипи е 62 во машка и 14 во женска конкуренција, или претставници на 47 шаховски федерации од Европа.