Новиот играч на Реал Мадрид, Трент Александар-Арнолд, денес изјави дека неговиот сон се остварил кога станал играч на тој клуб и дека сакал да го напушти Ливерпул само поради тој шпански гигант.
Александар-Арнолд потпиша шестгодишен договор со Реал на крајот на мај, а целата своја кариера досега ја помина во Ливерпул.
На почетокот на денешната презентација на Сантијаго Бернабеу, тој зборуваше на шпански јазик и му се заблагодари на претседателот на клубот, Флорентино Перез, за трансферот.
„Потпишувањето договор со Реал Мадрид не се случува секој ден. Ова е остварување на сонот. Сакам да бидам победник и да играм покрај најдобрите“, рече Александар-Арнолд.
На прашањето колку долго учел шпански, англискиот фудбалер одговори: „Неколку месеци“.
Реал му плати на Ливерпул 10 милиони евра за Александар-Арнолд да може да игра на претстојното Светско клупско првенство.
„Да бидам искрен, не ни сонувате за нешто вакво, бидејќи е надвор од дофатот и реалноста на многу играчи. Само неколку одбрани англиски фудбалери играле за овој клуб. Да се биде дел од него е многу возбудливо. Кога бев помлад, пред 10, 11 години, не мислев дека ќе бидам тука денес. Да се биде тука е сон, тоа е нешто посебно и многу сум среќен“, рече тој.
„Не ми е чудно да го гледам Реал Мадрид како освојува трофеи. Големата причина зошто дојдов е да бидам дел од големата историја на клубот и да бидам дел од идните успеси. Возбудлив, млад тим со многу потенцијал и став за освојување трофеи. Многу сум возбуден за почетокот. Одиме во Америка на Светското клупско првенство и нашата амбиција е да го освоиме трофејот и таму. Сакам добар почеток“, додаде 26-годишниот фудбалер.
Зборувајќи за тренерот на Реал, поранешниот играч на Ливерпул, Чаби Алонсо, тој рече дека тој е еден од неговите идоли.
„Пораснав како навивач на Ливерпул. Го гледав како сегашниот тренер прави големи работи во Истанбул, тој беше дел од неверојатно финале (во Лигата на шампионите). Разговаравме. Добро е да се има таков вид комуникација. Му реков дека тој ми беше идол кога растев и дека можноста да работам со него е остварување на сон“, рече Александар-Арнолд.
Тој додаде дека додека растел, Алонсо влијаел врз неговата игра, дека е неверојатен тренер со огромно познавање на фудбалот и дека „ќе биде како сунѓер и ќе ги апсорбира сите информации од него“.
Александар-Арнолд пораснал во Младинската школа на Ливерпул, каде што се приклучил на шестгодишна возраст. Дебитирал за првиот тим во 2016 година и оттогаш одиграл вкупно 352 натпревари за Ливерпул, со кого освоил две титули во Премиер лигата, Лигата на шампионите, ФА Купот, два Лига купа, Светското клупско првенство и Европскиот суперкуп.
„Одамна знаев дека ако некогаш го напуштам Ливерпул, тоа ќе биде за Реал Мадрид. Тоа би бил единствениот клуб за мене. Стигнувате до точка каде што мора да донесете одлука дали да останете или да заминете. Не беше лесна одлука. Бев таму толку долго, бев дел од сè. Но, на крајот мора да донесете одлука и ја донесов вистинската и сум возбуден поради тоа“, рече тој.
Тој ќе го носи натписот „Трент“ на дресот за да „им олесни на сите“ кога ќе му се обраќаат.