Дојче веле
(Ивајло Дичев е професор по културна антропологија на Универзитетот во Софија и предавач на Универзитети во САД и Франција)
Што прават нашите властодршци кога ќе се најдат во тесно? Уриваат некоја ромска колиба. Им објавуваат света војна на родовите кои самите си ги измислуваат. Политизираат светски кризи како оваа со коронавирусот. И се разбира- ги рекреираат историските војни за Македонија. Не знам како не им се смачи тој евергрин на патриотските гласачи, но во секој случај тој се уште е актуелен и ќе го оттргне малку вниманието на медиумите од неуморните протести на бугарскиот Мејдан.
Во меморандумот, испратен до земјите-членки на ЕУ, нашата влада открива кај југозападниот сосед подмолна „антибугарска идеологија“. Основното обвинување е тоа дека Северна Македонија воопшто постои- и доколку таа нова нација упорно одбива да се самоукине- тоа нашите го сметаат за акт на агресија.
Раѓањето на нациите, се разбира, е сложен процес и никој не може да каже колку ќе биде трајна македонската, како впрочем ни белгиската, шпанската или белоруската нација. Кога ќе кажам некому дека бугарската држава владеела со таа територија севкупно два и нешто века, ми одговараат дека населението е сепак етнички блиско (без едната третина Албанци, се разбира). Кога ќе му дадеме можност на тоа население да дојде кај нас- тие земаат пасош и бегаат кон Германија. Ама ние ги сакаме, сме гинеле за нив, им ги пееме песните…
Од чисто логична гледна точка делува апсурдно Бугарија да потпишува договори со партнер чие постоење го негира; брзањето на времето беше да ги оттргнеме од српските империјалисти, арно ама, сакале или не, ги признавме.
Исмевање со јазикот
Исто толку апсурдни се дежурните обвинувања за јазикот, кој кај нас го сметаат за дијалект на бугарскиот. Само што меѓу официјален јазик и дијалект има разлика, нели? Тие кодифицирале некаков единствен говор, одбран да е најдалеку од бугарскиот и од српскиот, точно како што сме сториле и ние, кога се кодифицирале наречјата, најоддалечените од блиските до српскиот западен дијалект. Кусоглед национализам. Но вака или така- историски факт.
И не ми е познат преседанот денес една држава да се исмева со тоа како се говори во соседната. Преседанот на таа ѕвездичка, со која требало „во крајна нужда“ да се прецизира, дека изразот македонски јазик се употребува „соодветно на Уставот на Република Северна Македонија“. Што точно добиваме од ова самозалажување, не разбирам.
Многу би се радувал кога двете земји би зазеле курс на зближување на нашите јазици со кои секојдневно взаемно се разбираме. Но тоа бара волја и взаемни компромиси, на пример, отворање на бугарскиот кон западните дијалекти, напуштени со сегашната норма. Би било чудесно доколку утре во европскиот парламент се покаже дека нема потреба од бугарско-македонски превод. Но за да се случи тоа треба да се има волја како онаа, која ја имале српските и хрватските панслависти од почетокот на 20 век. А не навреди и популизам.
Сериозна тема во меморандумот се малцинствата. Нема Бугари во Северна Македонија, а кај нас се следи ОМО „Илинден“. Нормалното европско решение е да се признаваат малцинства од двете страни на границата; популистичко- да не се признаваат и од двете. Од меморандумот не разбрав што точно мислиме на таа тема и дали решението треба да биде симетрично. Но се разбира, ако не признаваш постоење на една нација, нема како да го признаеш ни малцинството.
Нечесна блокада
Се се врти околу проклетата историја која на Балканите умешно се користи за балканизација, т.е. за фрагментирање, спротивставување на народите едни против други. Комисијата, која според една единствена потточка од членот 8 од Договорот за добрососедство треба да ги решава спорните прашања, била блокирана, а Скопје ја саботирало. Добро, но сепак не ми е јасно што точно очекуваме од таа Комисија? Во договорот не е наведено. Да издаде научен труд, да изгради музеј? Да не очекуваме некаква европска арбитража? Просто не можам да си претставам како може да се излезе од една нејасно регулирана ситуација како оваа.
Историјата по дефиниција има долга перспектива, избрзани чекори во неа се контрапродуктивни. Да се користат противречностите во таа комисија за сопирање на Скопје на патот кон ЕУ е нечесно. Од огромниот архив на минатото можеме да извадиме секакви случки со кои би се поткрепиле тезите на едните или на другите; но поважно е да имаме морална одговорност кон сегашноста.
Впрочем, темата за „сопственоста“ на Гоце Делчев, за која се расправаат, ми се гледа апсурдна; таа покажува неразбирање на разликата меѓу традиционален етнос и модерна нација. Гоце Делчев е роден како етнички Бугарин, но станува градител на новата македонска нација. Притоа и двете страни го почитуваат, и го чествуваат заедно. Како по ѓаволите успеаја политичарите да го претворат токму него во повод за поделби и омраза?
Тоталитарното наследство
Сосема поинаква е темата, на која треба да работат во таа Комисија- а таа само половично (т.е. само за Северна Македонија) е спомената во меморандумот. Тоа е тоталитарното наследство на 20 век- бугарската окупација на Македонија од профашистички режим, и комунистичката диктатура во југословенската република која уследи. Тука и двете страни треба да соберат сили критично да си ги осознаат историските вини, и да почнат да си ги зближуваат приказните како многу земји од Западна Европа по војната. Сериозниот исчекор во тој поглед е секој да тргне од сопствената вина, а не да го посочува другиот со прст- но јас такво нешто не гледам ниту во тој меморандум, ниту во јавните ставови на Комисијата. Тоталитарните трауми се вистински важното кое не одбележува; старата историја претставува повеќе научен интерес, и таму постепено нештата на еден или друг начин ќе си дојдат на свое.
Не можам да си замислам дека бугарските граѓани ќе и простат на нашата влада доколку ја сопре Северна Македонија на патот кон Европа. Или поточно ќе и дадат повод на некоја западна држава да ја сопре.
Целата работа повеќе ми делува како пропаганден чад. Затоа што проклетата историја е само еден детаљ од споменатиот Договор за добрососедство, кој што, според нашите, Скопје не го исполнува, а според мене- и двете страни наполно го игнорираат. Во него пишува за трговската размена, за културата, за транспортната инфраструктура. Како не напишаа еден меморандум за тие, далеку поважни, по европски теми! Само проклетиот историски чад кој има за цел да го оттргнува вниманието од неспособноста на властодршците, и крај Искар и крај Вардар. Како што напиша новинарот Николај Крстев:
„Наместо да спориме чиј е Гоце Делчев, нели е подобро да изградиме заедничка магистрала која ќе го носи името на тој наш херој?“