Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави денес дека пред да продолжи дијалогот со Приштина, потребно е меѓународната заедница да ги исполни гаранциите што веќе ги дала и да постапи согласно ветеното, јави дописникот на МИА од Белград.
-За мене е важно да разберат дека они се правеа наивни, јас зборувам за меѓународната заедница, не зборувам за (Кристофер)Хил и (Мирослав)Лајчак, за четирите бази што ги изградија (на северно Косово). Утрово ги повикав европските претставници и ги замолив да поведат сметка – ситуацијата е многу поопасна и потешка. Вечерва ќе зборувам зошто избегнавме катастрофа и зошто властите во Приштина не се осмелија да дојдат на север. Сигурно ќе имавме катастрофа со НАТО. Успеавме да ја избегнеме , рече Вучиќ.
Тој додаде дека Србите повеќе нема да трпат терор, но дека, како што кажа, се плаши од неодговорноста на меѓународните претставници и од „арогантните приштински власти“.
-Очекувам во првата половина на јануари да ми дојдат овие големци и големи луѓе од светот, да ми одржат „предавање“ како треба да го постигнеме тој договор што ним им се допаѓа… А кај мене предизвикува мачнина, но тоа е моја работа… Па убаво ќе ги пречекам, и ќе се правам дека ми е убаво, колку навистина уживав во тие ‘прекрасни муабети’ и слично… Потоа тоа мачење ќе продолжи со Курти, каде што знам дека нема да направи ништо, инаку немаше секој ден да прави провокации. Но, што да правиме… Ќе видиме, не чека тежок период во однос на Косово и Метохија, рече тој.
Српскиот претседател изјави дека во документот што го дадоа САД и ЕУ, како и оној на КФОР, нема ниту една точка со која се намалуваат правата на Србите.
-Што се однесува до документите на НАТО, за прв пат добивме гаранции дека, она што тие ја нарекуваат своја војска, нивните безбедносни сили, да не можат да одат на север (Косово) без согласност на НАТО, локалните Срби и Србија. Тоа никогаш до денес не го имавме, изјави Вучиќ и додаде дека во тој документ, нема да бидат гонети лицата кои биле на барикадите.
Тој рече и дека сите мислеле дека тој ги подигнал барикадите, иако Србите од Косово тоа го направиле без негово знаење.
-На својот грб го прифатив тоа, од германската влада до не знам која, да кажат дека Вучиќ ги подигнал барикадите, изјави тој.
Извор: МИА