Демонстрантите во Истанбул денеска соопштија дека нема да се повлечат од паркот Гези, кој е центар на двонеделните антивладини протести, додека полицијата во Анкара со водени топови и солзавец растерува група која во текот на ноќта поставила барикади во близина на зградата на турскиот Парламент.
– Го продолжуваме отпорот и ќе се спротивставиме на секоја неправда која се случува во нашата земја, соопшти главната група која ги претставува демонстрантите.
Турскиот премиер Реџеп Тајип Ердоган се согласи за прекин на спорниот план за реконструкција на паркот Гези, кој беше повод за почеток на протестите, повикувајќи ги демонстрантите да си заминат во своите домови.
Тој повика мала делегација од демонстрантите да ги убеди илјадниците останати да се повлечат од паркот.