(ВИДЕО) Гори еден од симболите на Загреб, огнот го голта „Вјесник“: Штетата е тотална

Од:

Синоќа околу 23 часот изби голем пожар во висококатницата на „Вјесник“ на „Славонска авенија“ во Загреб, еден од архитектонските симболи на главниот град на Хрватска. Поради вертикалното ширење, огнот брзо го зафати покривот и повеќе ката, па на терен беа испратени голем број пожарникари со специјализирана опрема, пренесе ХРТ.

Причината за пожарот засега не е позната, а според хрватските медиуми, нема информации за повредени или загинати лица. Градоначалникот Томислав Томашевиќ утрово пристигна пред објектот и изјави дека ситуацијата е сериозна, бидејќи огнот се разгорува на различни точки од зградата.

„Се гаси одвнатре и однадвор. Причината е непозната, постојат сомневања, но истрагата ќе го утврди тоа. Штетата е голема. Државата е мнозински сопственик и градежните инженери ќе треба да проценат дали зградата е за рушење или за обновување“, рече Томашевиќ, додавајќи дека најважно е што нема жртви и дека засега нема опасност од уривање.

ХРТ јавува дека пожарот е и понатаму активен и се шири низ конструктивните отвори, а поради зголемена опасност од паѓање стакло и делови од фасадата, пожарникарите се повлечени од внатрешноста и гаснењето продолжува само однадвор.

Од Јавната противпожарна служба на Загреб информираа дека сите противпожарни станици во градот се испразнети и пополнуваат со резервни сили. На терен се ангажирани околу 100 пожарникари со 30 возила. За безбедност, целата зграда е исклучена од гасоводната и електричната мрежа.

На местото на настанот бил и вицепремиерот и министер за градба и државен имот, Бранко Бачиќ, кој исто така потврди дека е рано да се зборува за причините за пожарот.

Командантот на загрепските пожарникари, Синиша Џебрих, изјави дека екипите биле повлечени од опасните делови поради паѓање остатоци и стакло, но нагласи дека конструкцијата на зградата во моментот не е загрозена.

Жителите кои се собрале околу висококатницата велат дека им е жал што гори еден од симболите на Загреб.

„Пожарникарите даваат сè од себе, но не верувам дека може да се спаси“, изјави еден од нив за ХРТ.

Би можело да ве интересира

Од Виена до Загреб со авион за 30 евра, за 2 километри со такси во градот – 52 евра

А1он

По инцидентите: Сите институции на српската заедница во Хрватска под полициска заштита

Во македонскиот КИЦ во Загреб заврши фестивалот на современа македонска книжевност

ВИДЕО: Владата на Хрватска воведува посебни мерки поради антиспрските инциденти

Околу 50 маскирани лица дојдоа и пред Српскиот културен центар во Загреб

Врсничко насилство во Загреб – му ја удираа главата во мијалник и во ѕид

А1он