Турскиот вицепремиер Булент Аранч се закани дека ќе ја повика армијата за да се справи со демонстрантите. Тој истакна дека властите може да распоредат „дел од армијата“ за да се помогне во задушување на антивладините протести во државата ако тоа е неопходно.
– Полицијата си ја врши добро работата. Ако не е доволно, тогаш ќе бидат ангажирани од жандармеријата. Ако и тоа не е доволно, може да повикаме и дел од турската армија, изјави Аранч за турската телевизија ТРТ.
Полициски сили во Турција претходно предупредија околу илјада синдикалисти да престанат да го блокираат главниот булевар во Анкара или ќе следи интервенција.
Синдикалистите се обидуваа да стигнат до реонот Казалај во центарот на градот, развивајќи знамиња и скандирајќи против Владата.