Првите демонстрации, организирани во Истанбул минатата недела, против градежниот проект на турската влада, што потоа се проширија низ целата земја, беа „праведни и легитимни“, изјави денеска турскиот вицепремиер Булент Аранч, цитиран од француските медиуми.
Првите демонстрации, темелени на еколошката загриженост, се праведни и легитимни, посочи Аранч, кој е и портпарол на владата, за време на прес конференција во Анкара по средбата со претседателот Абдула Ѓул.
Првите демонстрации почнаа во Истанбул против плановите за растурање на паркот Гези во рамки на проект за реконструкција на плоштадот Таксим, а на крајот прераснаа во антивладини протести во целата земја.
Аранч им се извини на голем број демонстранти, ранети при интервенцијата на полицијата против демонстрантите.
-Им се извинувам на сите кои станаа жртви на насилството, затоа што се чувствителни кон заштитата на животната средина,, посочи Аранч.
Вицепремиерот ги повика турските граѓани „денеска да ги прекинат“ демонстрациите, почнати пред пет дена.
Убеден сум дека нашите одговорни граѓани денеска ќе ги прекинат своите протести, и тоа е она што го очекуваме од нив, рече Аранч.