Тачи ја поздрави најавата за отворање авиолинија Приштина – Белград

Од:

Косовскиот претседател Хашим Тачи го поздрави најавеното отворање на авиолинијата Приштина – Белград, оценувајќи дека тоа претставува „чекор напред во напорите за нормализација на односите меѓу Република Косово и Србија“.

Авторитетот на цивилното воздухопловство на Косово (ААЦ) прими денеска, на церемонија во амбасадата на САД во Берлин, писмо со намери од авио-компанијата Луфтханза за отворање авионска линија меѓу главните градови на Косово и на Србија.

Косовскиот претседател преку објава на Фејсбук им се заблагодари за придонесот за постигнување на договорот на амбасадорот на САД во Германија Ричард Гренел и на советникот за национална безбедност на американскиот претседател Доналд Трамп, Роберт О‘Брајан, кој исто така присуствуваше на церемонијата во Берлин.

– Секако дека овој настан претставува нов чекор во нашите напори за нормализирање на односите меѓу Република Косово и Србија. Затоа, од името на државните институции и на нашите граѓани, им изразувам длабоко признание на амбасадорот на САД во Берлин Ричард Гренел и советникот за национална безбедност на претседателот Трамп, Роберт О‘Брајан, за нивниот придонес за овој договор, кој се очекува да го олесни слободното движење на луѓето и стоките во иднина, напиша Тачи.

Претходно, генералниот директор на косовскиот ААЦ, Есат Бериша изјави дека денешниот настан претставува нов чекор напред во заложбите на косовските институции „за целосна нормализација на воздушниот простор на Косово и отворање воздушни коридори со сите околни држави“.

– Со ова се воспоставува контактот меѓу двата авторитета на цивилното воздухопловство, меѓу Косово и Србија како рамноправни партнери, изјави Бериша.

Денешното покренување на иницијативата за авиолинија меѓу главните градови на Косово и на Србија приштинските медиуми ја оценија како „прв успех“ на американскиот амбасадор во Германија, Гренел, кого пред неколку месеци Трамп го именува за свој посредник во преговорите меѓу Приштина и Белград.

Авионскиот сообраќај меѓу Приштина и Белград е прекинат пред повеќе од 20 години, односно на крајот од војната во 1999 година.

Би можело да ве интересира

Бошко Обрадовиќ почна штрајк со глад пред Народното Собрание

А1он

САД испратија остро писмо до Тачи, Харадинај и Весели

СБ на ОН: Приштина мора да ги укине таксите за стока од Србија и БиХ

Сандра Бошковска

Џуфи: Косово ќе ги укине царините, изјавите на Харадинај се недипломатски

Курти: „Да“ за обединување со Албанија, „не“ на пазарењето со Србија