Изборната листа „Студентска листа – Студентите победуваат“ денес ги претстави сите 250 кандидати за пратеници во Собранието на Србија кои се наоѓаат на таа листа, а прв меѓу нив е кардиологот и професор на Медицинскиот факултет во Нови Сад, Илија Срдановиќ.
Листата, објавена на студентската веб-страница blokade.org, вклучува професори, лекари, уметници, активисти, претприемачи и луѓе од различни делови на Србија.
По Срдановиќ следат Катарина Станковиќ, Жељко Хубач, Александар Цветковиќ, Катарина Шќепановиќ, Адем Мавриќ, Милош Јевтиќ, Тихомир Станиќ, Татјана Пауновиќ, Милина Мариќ, Весна Среќковиќ.
Потоа следат Александар Н. Нешковиќ, Марија Бјелобрк, Лидија Димитријевиќ, Слободан Вукосавиќ, Марија Вуловиќ, Златко Кокановиќ, Сара Валентик, Драгана Ѓорѓевиќ, Предраг Мрѓа, Оливер Тошковиќ, Митар Крстиќ, Милана Писариќ и многу други.
Меѓу имињата попознати за јавноста се поранешниот кошаркар Дејан Бодирога, поранешниот гувернер на Народната банка на Србија – Дејан Шошкиќ, инженерот Зоран Ѓајиќ, професорите Јово Бакиќ и Александар Бауцал, ректорката на Универзитетот за уметности – Мирјана Николиќ и академикот Радомир Саичиќ.
Меѓу нив се и адвокатката Сара Ел Сараг, архитектот Миљан Салата, конзерваторката Естела Радоњиќ Живков, спортистот Михаил Дудаш, поранешниот фудбалер Мирко Поледица, музичарот Феѓа Димовиќ и други.
Во соопштението, студентите наведоа дека станува збор за луѓе од различни возрасти, професии, искуства и животни приказни, кои ги избрале да ги претставуваат во Собранието на Србија.
„Тие доаѓаат од различни делови на Србија, од големи градови и помали средини, од училници, ординации, канцеларии, работилници, културни институции и други места каде што секојдневно може да се види како функционира оваа земја кога институциите си ја вршат работата, но и што се случува кога ќе престанат да го прават тоа“, се наведува во соопштението.
Тие додадоа дека не барале луѓе што најдобро ќе изгледаат на билборд, ниту пак такви што со години знаат како да си обезбедат место на изборната листа, туку луѓе за кои веруваат дека можат да влезат во институциите, одговорно да си ја вршат работата и да не заборават зошто се таму.
„Кандидатите не беа избрани од партиските лидери, ниту пак некој во една соба составил листа и им ја соопштил на другите. Тие беа избрани од студентите преку процес на одлучување што го градевме во текот на повеќе од една година блокади, пленуми, дискусии и заедничка работа. Тој процес не беше секогаш брз, ниту пак секогаш едноставен“, се вели во соопштението.
Тие додадоа дека директната демократија ретко е таква, наведувајќи дека таа подразбира разговор, несогласување, аргументирање, преиспитување на одлуките и одговорност пред луѓето што учествуваат во тој процес.
„Токму затоа ни беше важно изборната листа да ја креираме на овој начин. Ако веќе зборуваме за желба за поинаков политички систем, нема многу смисла првиот чекор кон него да го направиме преку копирање на моделот против кој се бориме“, додадоа студентите.
На листата, како што наведоа, нема култ на личноста, па затоа на неа нема ниту еден поединец чие име би ги засенило сите останати.
