Српски новинари за Макфакс: Граѓаните во регионот се целосно изиграни

Од:

Зголемени плати, нови работи места, подобар живот и евроатлански интеграции – се само неколку од фразите кои периодов постојано ги слушаме на политичките митинзи ширум Македонија во екот на предизборната кампања. Колку од овие ветувања по изборите целосно или делумно се исполнуваат и дали кога ќе дојдат наредните избори, граѓаните го паметат она што што претходно било ветено и исполнето?

Како и во Македонија, и во соседна Србија изборите станаа дел од секојдневието на српскиот народ. Предвремени парламентарни избори минатата година, претседателски избори наредната година, се чини дека српските политичари се „ненаситни“ за избори, што не може да се каже и за оние што ги гласаат, смета новинарот на белградска Политика, Владимир Вукасовиќ.

„Честото распишување на избори во повеќето земји од поранешна Југославија, како и честите барања на политичарите граѓаните да застанат зад нив, би можело да доведе до сосема спротивен ефект: делегитимизација на владејачките сили, политичките сили, политичкиот систем и воопшто политиката. Причината за тоа е што ветувањата со кои се победува на избори бавно се исполнуваат или, пак, граѓаните се целосно изиграни“, вели Вукасовиќ за Макфакс.

Економскиот раст на државите од западниот Балкан е доста слаб или, пак, во најдобар случај недоволен за поголем дел од граѓаните после безброј години на „мрцварење“ по избори да можат конечно да дојдат до финансиска стабилност, вели тој.

„Во оние земји кои се сé уште кандидати за Европската унија, напредокот е релативно бавен, за многумина се чини и фиктивен а донекаде отворено блокиран. И таму каде што власта не е хронично во рацете на една партија, во кругот горе-долу се вртат истите луѓе и истите приказни. Поради тоа веројатно не би ни требало да бидеме премногу изненадени што во регионот се почесто не само што опозицијата се обидува нешто да постигне преку демонстрации, туку има и улични протести кои се организирани од групи граѓани кои нападно се дистанцираат од сите партии и тврдат дека од партиите нема корист“, додава Вукасовиќ.

Колективниот заборав на балканските гласачи во поглед на предизборните ветувања дефитивно претставува феномен кој треба да се истражува, смета основачот и уредник на српскиот портал Колумниста, Александар Бечиќ.

„Нереалните ветувања одамна се составен дел од секоја предизборна ‘игранка’ на Балканот. Како на новинар ми е фасцинантно колку сме склони кон колективниот заборав кога се работи за нереализираните ветувања. Некаде во развиените земји таквите работи сурово се казнуваат. Впрочем, кога се говори за подобриот живот, новите работни места и сличните работи – политичарите навистина ги носат – но само на своите најверни поданици“, вели Бечиќ.

Од аспект на Србија, пак, ветувањата во поглед на евро и евроатланските интеграции од страна на политичарите исто така се даваат непромислено и сето тоа создава една погрешна слика кај српските граѓани во однос на тоа што е одржливо за земјата, додава Бечиќ.

„Дали нам ни е потребно европско законодавство? Да, поради тоа што нашите закони одамна се прегазени од времето и од развојот на општествата. Од друга страна, пак, потребно ли ни е членство во НАТО? На Македонија можеби, на Србија секако не. На широката маса сигурно не ѝ познато колку е скапо да се испочитуваат НАТО стандардите, и одржувањето на каква и да е воена сила според НАТО стандардите е страшно скапо за едни економии како што се балканските“, порачува Бечиќ.

Една од најважните последици од нереализираните, но најчесто и нереални предизборни ветувања, е целосна политичка апатија на граѓаните, нешто што потоа се одразува врз јавниот живот во балканските земји, вели, пак, Вукасовиќ.

„Дел од граѓаните многу претходно потонаа во политичка апатија. Од оние кои сé уште гласаат, но со голема доза на сомневање во исправноста на својот избор, многумина својот избор го сведуваат на ткн ‘помало зло’, и според сево ова делува дека граѓаните всушност се немоќни во јавниот живот и дека политиката им служи само на политичарите. Таквата пасивност е особено опасна за општества како што се нашите и кои и натаму се во една кршлива фаза, односно несигурна за сопствениот правец во еден свет каде што повеќедецениските структури и ориентации, исто така, стануваат сé понеизвесни“, смета новинарот на белградска Политика.

Постојаната атмосфера на предизборна кампања, која како во Македонија е случај и во Србија, придонесува само за продлабочување на политичката криза во која се наоѓаат овие земји, а излезот може да се бара само преку доаѓањето на нови генерации на политичари и политички идеи, вели пак Бечиќ.

„Штом вам официјален Брисел преку еврокомесарот Јоханес Хан ќе ви порача дека преку гласањето ќе се ‘вратите на европскиот пат’, знајте дека ништо добро не ве чека. Политичката криза и натаму ќе се продлабочува, а механизмите за зачувувањето на власта ќе бидат се порадикални, без оглед на тоа кој ќе ја има власта. Во следните две години сметам дека на Балканот целосно ќе созрее времето за доаѓањето на нови генерации политичари и политичките идеи, така што квалитативни промени во политиката можеме да очекуваме дури тогаш“, заклучува Бечиќ за Макфакс.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Брод удри во гребен кај хрватски остров, мештаните ги спасуваа патниците

Предраг Петровиќ

Додик: Бараме начин момчињата од Српска да служат војска во Србија, би им дале привилегии

ВИДЕО: Додик запеа по победата на Трамп

Додик: Западот го резервира Балканот за своите цели

Сараево: Голем број граѓани на протестен марш за Палестина

Осмооделенец избоде ученичка со нож во училиште во Суботица

Предраг Петровиќ