Војската на Србија стационираше неколку топови, односно хаубици со долг дострел, во копнената безбедносна зона, во близина на административниот премин Јариње.
Поставувањето на артилеријата следело откако Милан Мојсиловиќ, началникот на Генералштабот на војската на Србија, синоќа итно се упатил кон Рашка.
„Задачите дадени на српските вооружени сили и на мене како началник ќе бидат целосно спроведени и реализирани како такви. Ситуацијата подолу е комплицирана, сложена, бара присуство на српски вооружени сили по административната линија. Ги имаме сите информации во детали. Мора да знаете дека преземените мерки и добиените задачи ќе бидат целосно исполнети“, изјави Мојсиловиќ.
Mедиуми во Белград синоќа објавија дека пукање се слушнало во Зубин Поток, додека некои изјавија дека имало размена на оган меѓу локалните Срби и косовската полиција. Косовската полиција соопшти дека немало инциденти меѓу нејзини припадници и некоја група на северот на Косово.
Претставници на Кфор, како одговор на истрагата на Коха Дитора, објавија дека имало пукање во Зубин Поток, но дека во тој инцидент нема повредени, а не е причинета материјална штета.