Еколошкото движење „Солидарност со Таксим“, кое се бори за спас на паркот Гези во Истанбул, ја осуди денеска бруталната акција на турската полиција за враќање на контролата врз плоштадот Таксим и ги повика своите приврзаници вечерва повторно да се соберат на протест.
– На 14-тиот ден од протестите во паркот Гези властите повторно одговорија на демонстрантите со солзавец и возила за борба против немири, се наведува во соопштението на движењето.
„Солидарност со Таксим“, чии претставници минатата недела се сретнаа со турскиот вицепремиер Булент Аранч, ги повтори барањата за прекин на полициското насилство, ослободување на уапсените лица и повлекување на проектите за паркот Гези.
– Ќе останеме тука, бидејќи не беа преземени никакви конкретни мерки за задоволување на барањата на младите, кои го штитат Таксим и паркот Гези, се додава во соопштението.
Турската полиција рано изутринава започна со расчистување на плоштадот Таксим, употребувајќи солзавец и водени топови. Подоцна, полицајци на кратко влегоа во паркот, но засега нема информации за сидири со демонстрантите.