Со сослушување на лидерот на Златна зора завршува четири и пол годишниот судски процес против партијата

Од:

По над четири и пол години од започнувањето, судењето на Златна зора се приближува кон крајот, а денес и утре исказ ќе даде лидерот на партијата Никос Михалољакос, обвинет за формирање и управување на криминална организација, со што се заокружува циклусот сослушувања на обвинетите, јави дописничката на МИА од Атина.

Процесот против Златна зора го нарекуваа еден од најважните и најобемните судски процеси во современата грчка историја, започна пред повеќе од четири години, на 20 април 2015, а сега веќе влегува во последната, финална фаза.

До сега беа сослушани речиси сите поранешни пратеници од партијата, а последен е лидерот на Златна зора, Никос Михалољакос.

Пред изборите на 7 јули годинава, адвокатката на семејството на убиениот музичар Павлос Фисас, во разговор за МИА рече дека се очекува процесот комплетно да заврши на крајот на 2019 или почетокот на 2020.

На претходното рочиште одржано минатата среда, исказа даде Јанис Лагос кој на европските избори одржани во мај беше избран за европратеник, а според судскиот предмет е високо во хиерархијата на „криминалната организација Златна зора“.

Паралелно со судењето што ќе се одржи утрово во судот во Атина, закажани се и протести против Златна зора организирани од антирасистички здруженија и организации.

По убиството на Фисас се откри вистинското лице на Златна зора

Неколку часа по полноќ на 18ти септември 2013та како бомба одекна во Грција веста дека 34 годишен маж е убиен во атинската населба Керацини – левичарски ориентираниот музичар Павлос Фисас до смрт беше прободен со нож од Јоргос Рупакиас, член и поддржувач на Златна зора.

Клопчето започна да се одмотува, полицијата ги извади сите стари предмети кои се однесуваат на расистички напади, ги провери телефонските разговорите на убиецот Рупакиас и откри поврзаност со членови, но и тогашни пратеници на неонацистичката партија. Грчката тајна служба до обвинителството достави листа со телефонски повици меѓу Златнозорците веднаш по убиството на Фисас. Постоела континуирана комуникација меѓу еден од уапсените пратеници, со одговорниот на штабот во кој доаѓал убиецот. Телефонските разговори ги демантираа тврдењата на челниците на Златна зора дека немаат никаква поврзаност со убиството и дека не го познаваат убиецот.

Златна зора од политичка партија стана криминална организација. Десет дена по убиството на Фисас, следеа апсење на пратеници, одредување мерка притвор и собирање докази за активностите на Златна зора. Обемниот судски предмет откри дека Златна зора од 1987 функционирала како воена структура, хиерархиски подредена според неонацистичките модели, а апсолутен лидер е претседателот Никос Михалолиакос.

19 месеци по убиството на Павлос Фисас, инцидент кој ја прелеа чашата, ги симна маските и го покажа вистинското лице на Златна зора, на 20 април 2015 во специјално прилагодена просторија во атинскиот затвор Коридалос и под силно полициско обезбедување, започна судскиот процес.

За убиството на Павлос Фисас во септември 2013та, за низа напади на имигранти и политички неистомисленици, за формирање и водење криминална организација- на обвинителната клупа седнаа 69 членови на Златна зора, меѓу кои и тогашни пратеници од партијата.

Дел од нив, како и лидерот Никос Михалолиакос, 18 месеци поминаа во притвор, откако беа обвинети за формирање, здружување и водење на криминалната организација, која како политичка партија во 2012 прв пат влезе во грчкиот парламент, нешто што не успеа да се повтори и на последните парламентарни избори.

На изборите на 7 јули не ја достигна потребната граница од 3 отсто, освои 2,93 проценти од гласовите и не обезбеди место во Парламентот. Пред четири години, на тогашните парламентарни избори освои 6,99 отсто и 18 пратенички места.

На европските избори во Грција, одржани на крајот на мај годинава, освои 4,87 отсто што е речиси двојно помалку од претходните евроизбори во 2014, одржани пред почетокот на судскиот процес. Тогаш, Златна зора доби 9,39%.

Случајот со криминалните дела на Златна зора започна за време на владата на Нова демократија и ПАСОК со апсење на осомничените, продолжи со почеток на судскиот процес за време на СИРИЗА, а ќе заврши сега, кога на власта е Нова демократија.

Би можело да ве интересира

Два од земјотресите во Грција почувствувани во Гевгелија, Струмица, Велес, Скопје, Битола и Кавадарци

Катерина Ѓуровски

Се тресе Грција: девет земјотреси за еден час, најсилниот со јачина од 5.3 степени

Катерина Ѓуровски

Конфликтот меѓу две семејства во Грција загина тригодишно дете

Силен земјотрес во Грција

(ВИДЕО) Пожар во рафинерија во Грција: Железничкиот сообраќај во прекин, наредена итна евакуација

Горан Наумовски

СИРИЗА: Политиката на соработка со Македонија е замрзната