Сите вработени во државната администрација во Словенија кои немаат имунитет односно не примиле вакцина или ја немаат прележано болеста за да продолжат да одат на работа ќе мора да се вакцинираат. Негативниот ПЦР тест веќе не е доволен одлучи словенечката влада.
Според најновата владина одлука, донесена доцна синоќа, службениците за да продолжат да одат на работа ќе мораат првата доза да ја примат до 1.октомври, додека втората најдоцна до 1.ноември, ако не решат да ја примат вакцината „Џонсон и Џонсон“ која се аплицира во една доза.
Заострувањето на епидемиолошките мерки според кои за работа, јавен превоз, одење во трговски центри, во банки, пошти и за низ друг активности мора да се има ковид потврда за вакцинација или негативен тест се на сила од средата. Ова предизвика жестоки протести во Љубљана каде демонстрантите дојдоа во судир со полицијата.
Сепак премиерот Јанзе Јанша вели дека владата нема да се повлече и дека рестриктивните мерки драстично го зголемиле интересот за вакцинација.