Припадниците на Агенцијата за истрага и заштита (СИПА) на БиХ завршија со конфискувањето на документацијата во зградата на босанското Претседателството во Сараево, во врска со делото против претседателот на Федерацијата БиХ Живко Будимир, соопшти денеска портпаролот на СИПА Кристина Јозиќ.
Таа потсети дека припадниците на СИПА вчера биле ангажирани на одземање одредена документација во зградата на Претседателството на БиХ во рамки на операцијата „Патриот“ по наредба на Судот и Обвинителството.
Потпретседателот на Федерацијата БиХ, Светозар Пудариќ претходно истакна дека припадници на СИПА ги претресуваат кабинетите на претседателот и на двајцата потпретседатели, како и канцеларијата на сметководството.
Акцијата „Патриот“ започна на 26 април заедно со операциите „Правда“ и „Мемори“. Во рамки на овие три поврзани акции на СИПА уапсени се повеќе лица, меѓу кои и Будимир, кој е осомничен за злоупотреба на функцијата и овластувањата, како и прекршување на Законот за помилување. Сепак, Будимир е пуштен од притвор и ќе се брани од слобода.