Се повеќе луѓе во Турција сакаат да продадат свој бубрег за да решат финансиски проблеми, објави весникот Хуриет.
– Бројот на луѓе кои се обраќаат до Турската нефролошка фондација со предлози да продадат свој бубрег брзо се зголемува. Досега таа цифра беше еден во неделата, а сега има по 15 понуди, изјави Ѓулизар Ѓун од таа фондација.
Според неа, граѓаните кои нудат бубрег за продажба споменуваат за заеми и семејни проблеми. Дел од нив нудат по цени од 150 илјади до 200 илјади турски лири, додека некои нудат по многу пониска цена со надеж дека потоа ќе се справат со финансиските тешкотии.
Една од оние кои нудат бубрег за продажба е и жена која наведува: продажба на орган е подобар начин за справување со финансиски проблеми отколку да тргнеш по погрешниот пат – проституцијата.
Членови на таа организација прават се за да објаснат дека продажбата на органи е незаконска. Во Турција е дозволено само дарување органи од донатори кои се роднини на пациентот, како и трансплантација на органи од пациенти со мозочна смрт, наведува весникот.