Бошњачката Партија за демократска акција (СДА) ја отфли можноста за вклучување на Сојузот на независните социјалдемократи (СНСД) на претседателот на Република Српска, Милорад Додик, во централната Влада во Сараево, јави ФЕНА.
– Прашањето за коалицијата на државно ниво е решено со Договорот за програмските принципи, кој на 9 ноември минатата година го потпишаа СДА, Демократскиот фронт (ДФ) и Сојузот за промени (СП), се наведува во денешното партиско соопштение.
Во соопштението натаму се истакнува дека СДА се определила нејзин партнер од Република Српска да биде Сојузот за промени „и така ќе остане до крајот на овој мандат“.
Коалицијата Сојуз за промени ја сочинуваат 11 партии на босанските Срби, предводени од Српската демократска партија (СДС), Партијата за демократски прогрес (ПДП) и Народното демократско движење (НДП), кои се во опозиција на ниво на Република Српска, каде власта ја има СНСД.
Можноста за вклучување на СНСД во централната Влада во Сараево ја најави претседателот на Федерацијата Босна и Херцеговина, Маринко Чавара, кој доаѓа од редовите на Хрватската демократска заедница (ХДЗ).