Пратениците на Партијата за демократска акција (СДА) во Домот на народите во босанскиот парламент денеска го блокираа гласањето по итна постапка на четири закони, повикувајќи се на заштита на животно важни национални интереси, пренесе Танјуг.
Пратениците од оваа бошњачка партија истакнаа дека не се против соддржината на законите, туку се против нивното носење по итна постапка.
Според Уставот на Босна и Херцеговина, ако мнозинството од српските, муслиманските или хрватските пратеници се повикаат на заштитата на националните интереси, претседателот на Домот на народите назначува тричлена комисија од претставници на секој народ, што ќе го реши посочениот проблем. Ако тоа не се направи во рок од пет дена, прашањето се испраќа за одлучување пред Уставниот суд.
Домот на народите денеска требаше да гласа за Законот за државјанство, Законот за постојано жителство и привремен престој, Законот за јавни набавки и Законот за единствен матичен број (ЕМБ).
Законот за ЕМБ беше повод за повеќедневни протести и блокирање на парламентот на почетокот на јуни.
Минатата недела овој закон беше изгласан во Претставничкиот дом на парламентот, а Советот на министри препорача тој да се донесе по итна постапка и во Домот на народите.