Портпаролот на Генералштабот на турската армија Џенгиз Албаџак изјави денеска дека системот за противракетна одбрана „Патриот“, распореден во југоисточната провинција Газиантеп веќе е активиран.
Тој истакна дека ракетите „Патриот“, кои Турција ги побара од НАТО, се распореднеи во југоисточните провинции Адана, Караманмараш и Газиантеп. – Системот, кој се наоѓа во Газиантеп е активиран денеска претпладне, додаде тој.
Командантот на американската Десета армија за воздушна и ракетна одбрана Стив Ричмонд истовремено изјави дека во случај на закана наредбите за преземање операции ќе бидат давани од НАТО.
Турција побара од НАТО распоредување на ракети „Патриот“, кои би ја заштитувале нејзината граница во случај на ракетна закана од Сирија. Нејзиното барање беше одобрено од министрите за надворешни работи на земјите-членки на НАТО на почетокот на декември ви Брисел.