Бугарскиот претседател Румен Радев утре ќе и го додели првиот мандат за формирање нова влада на најголемата парламентарна партија во земјата „Продолжуваме со промените“.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, според претседателот на Бугарија Румен Радев, не се исцрпени можностите за формирање нова влада во овој парламент. Доколку воопшто се одржат предвремени парламентарни избори, тие не би биле целисходни пред 15 септември.
Според него, важно е да има што поголема изборна активност. – Можете да процените, враќајќи се два месеци наназад, кога најрано може да заврши враќањето на мандатите“, рече Радев. Тој нагласи дека е важно мислењето на партиите да се слушне и да се земе предвид.
Румен Радев одби да ги коментира неуспешните консултации во понеделникот со бугарската владејачка партија Продолжуваме со промените и нејзиниот партнер, Бугарската социјалистичка партија, во врска со состанокот на парламентарната комисија за буџет и разгледувањето на неговата ревизија.
Извор: МИА