Во центарот на турската престолнина продолжуваат судирите меѓу полицијата и демонстрантите, пренесоа руските медиуми.
Силите на редот успеаја да потиснат поголем дел од демонстрантите во споредните улици, но на централниот плоштад Кизилај се уште има групи од најрадикално расположените демонстранти. Тие ги продолжуваат обидите да упаднат во зградата на владата и ги гаѓаат полицајците со камења и Молотови коктели, криејќи се зад барикадите направени од прирачни материјали.
Територијата околу зградата на владата и разместените министерства и институции е отцепена од силите на редот, кои продолжуваат да пуштаат солзавец и лут гас против демонстрантите.
На плоштадот се запалени огнови, а во различни делови на Анкара стотици луѓе излегоа на улиците во знак на поддршка на антивладините протести.
Во Истанбул, на плоштадот Таксим е мирно, но во соседниот реон Бешикташ демонстрантите се обидуваат да упаднат во централата на владеачката партија.
Во Измир имаше судири со полицијата, а бројот на демонстранти во центарот на градот достигна околу 10.000 лица.
Протести и судири има во уште десетина големи градови во земјата.
Хакери од групата „Анонимни“ нападнаа неколку сајтови на турската влада, вклучувајќи ја и електронската страница на Министерството за внатрешни работи и официјалниот сајт на премиерот Реџеп Таип Ердоган.
Протести против турската влада има и во големите градови во Германија, посочува ДПА.
Турската полиција истрела солзавец за да растури неколку илјади демонстранти, кои се собраа пред канцеларијата на премиерот Реџеп Таип Ердоган во Истанбул, пренесоа француските медиуми.
Продолжуваат судирите меѓу полицијата и демонстрантите во овој кварт на Истанбул, на неколку километри од плоштадот Таксим, каде се уште се наоѓаат илјадници демонстранти.