Претседателот на Федерацијата Босна и Херцеговина Живко Будимир изјави на парламентарното сослушување дека не ги прекршил законските овластувања при донесувањето на одлуката за помилување на осудениците.
Будимир истакна дека немал никакви предупредувања од Министерството за правда на Федерацијата, кое, како што смета, би требало да го предупреди и во случај да имало кршење на законот со некои одлуки.
Тој се повика и на прописите, според кои не бил обврзан да се консултира со потпретседателите на Федерацијата и оти од нивните кабинети официјално немало забелешки на неговите одлуки за помилувањето.
Тој рече и дека неговите претходници на функцијата претседател на Федерацијата донесувале повеќе одлуки за помилување од него и оти за 24 месеци добил 1.116 барања за помилување, а потпишал 218 одлуки.
На прашањето на Комисијата дали размислувал за пренесување на овластувањата на потпретседателот, тој одгвоори дека во текот на притворот не се обраќал до Судот на БиХ со барање да се разгледа таквата можност.
Претседателот на Федерацијата БиХ изјави дека од моментот кога службеници на СИПА упаднале во неговата канцеларија, не му е дозволено да потпишува никакви документи и оти дури три дена пред укинувањето на притворот му е дозволени да потпишува некои документи.
Парламентарната комисија е формирана во Претставничкиот дом на Федералниот парламент со цел да се испита дали Будимир е достоен да ја извршува функцијата претседател на Федерацијата, откако е уапсен и мина еден месец во притвор под сомнение дека примал мито во замена за помилувањата. Тој е пуштен од притвор на 24 мај.