Петпати пониски услуги на цените во роаминг за разговори, СМС и интернет меѓу Македонија, Црна Гора, Србија и Босна и Херцеговина, треба да овозможи денеска потпишаната Спогодба за намалување на цените на услугите во роамингот во јавните мобилни комуникациски мрежи.
Спогодбата, во Будва, ја потпишаа заменик министерот за информатичко општество и администрација на Македонија Марта Арсовска Томовска, босанскиот министер за комуникации Дамир Хаџиќ, црногорскиот министер за инфирматичко општество и телекомункации Вујица Лазовиќ и министерот за трговија, туризам и телекомуникации на Србија Расим Љајиќ.
Реализацијата на спогодбата ќе ја координира тело основано од претставници на регулаторите на државите потписнички. Спогодбата е отворена, што значи дека во иднина, секоја заинтересирана земја, која не е опфатена со неа, може да се приклучи кон иницијативата.
– Цените во роаминг за говорни услуги во мобилната телефонија, за смс пораки и интернет сообраќај, ќе бидат намалени, односно нивелирани на нивото на земјите од ЕУ. Услугите ќе бидат за петпати пониски од досегашните, што ќе овозможи граѓаните полесно и почесто да патуваат во земјите од регионот, заради туризам или креирање бизнис, рече по потпишувањето на спогодбата заменик министерката Арсовска.
Нашите мобилни оператори, додаде, ја разбираат потребата за овој чин, ќе ги вклучиме во координативното тело и со тоа ќе имаат влијание во неговата работа. Врз основа на разговорите со нив ќе ја направиме динамиката и начинот на кој ќе се намалат цените.
– Очекуваме овој потег да влијае и на подобрување на стандардот на граѓаните, истакна Томовска.
Со спогодбата е предвидено етапно усогласување на цените на роаминг услугите со цените во земјите од ЕУ. За реализација на спогодбата се надлежни регулаторните тела за електронски комуникации.
Надлежните министерства на земјите потписнички на договорот треба да почнат процедура за дополнување на законот за електронски комуникации, со што цените за услугата ќе се регулираат на реципрочна основа.