Мутациите на коронавирусот, првпат откриени во Велика Британија и во Јужна Африка се широко присутни во Словенија и е можно да надвладеат, па затоа може да се очекува и трет бран на епидемијата, изјави денеска директорот на словенечкиот Институт за јавно здравје Милан Крек.
Тој на прес-конференција рече дека моменталната инциденца од 551 заразено лице на 100.000 жители е добар показател и дека епидемијата полека се забавува, меѓутоа, седумдневната и 14-дневната инциденца предупредуваат дека нешто се случува кај населението, пренесува ТВ Словенија.
Како што објасни, веројатно имало стагнација по драстичниот пад, што се случува и во соседните земји.
– Тестирањето е важно, тестирани се повеќе луѓе, откриени се повеќе позитивни и голем број од инфицираните се во изолација, што го намали преносот на вирусот меѓу населението, појасни Крек.
Кога станува збор за вакцинацијата, Крек рече дека Словенија е најдобра меѓу соседните земји во тој поглед, бидејќи до 14 февруари околу 70.000 примиле по една, а 48.000 лица ги примиле двете дози на вакцината.